Венеција, градот на смртта и љубовта. Можеби овие две работи и не можат да се замислат одделено. Љубов до смрт и љубов после смрт... Со љубовта смрта се победува, но дали и во Венеција? Градот кој тоне во својата убавина, потпрен на водите на море кое некогаш било “наше, ќе речат” и град кој осуден на смрт, ти подава рака која не можеш да ја одбиеш, иако знаеш каде води, град кој потсетува на куртизана, но онаква каква се среќева само во единствениот роман на А.Дима, синот, убавицата која лаже, но нека, нека лаже, зашто тоа не е важно се додека го слушаш нејзиниот глас... Таква е таа, таа прекрасна Венеција, на која мислата дека еден ден можеби навистина ќе ја снема и дава една поинаква димензија и вредност... Тоа веќе не е убавина само, тоа е и култ и мистерија и интрига и непознат бал, кој почнал, но не се знае кога ќе заврши. Можеби баш заради тоа времето таму поминато, не е време, туку е миг и животот не е живот со вчера и утре, но постои само моментот на Сега, тука и овде со неа, со таа прекрасна Венеција...
Има ли потерба да се пишува за шармот на Венецијаните, за виното кое се точи наместо вода, за Наполитаната и Маргаритата или за Венецијанскиот сладолед? Треба ли да пишувам за Сан Марко и неговите пет куполи, за позлатените византиски мозаици и коњите од Истанбул? Или пак за Дуждевата палата и Мостот на воздишки, на кој и јас издишав by the way, но не заради тоа што нема јас да го видам уште еднаш сонцето, не туку заради студот, кој буквално ми влезе во коски, движејќи се низ затворскиот дел од оваа прекрасна палата... И, додека на едниот крај повластените уживале гледајќи ги делата на Тицијан, Паладио, Веронезе и Тинторето, другите, оние лошите, затворени со железни врати, железа на рацете и нозете, небаре ќе побегнат, но во морето, уживале во друштвото на стаорците и звукот на шкрапалото, кое се отврара само доколку некој се смилува да фрли парче леб... Навистина е за воздишка... И жал...
За Риалто ли да пишувам, за прекрасниот снежно бел Риалто, на кој денеска има се што треба да биде Венеција?! Трговци со маски, порцелани, Мурано стакла, оригинални и неоригинални, бижутерија и играчки?!
Не, нема да пишувам за тоа, оти тоа веќе го знаете и заради тоа што тоа денес е се помалку Венеција, но се повеќе комерцијала.
Ќе пишувам за прекрасната Fruti di mare пица изедена под прекрасниот Риалто и за сладоледот излижан на прекрасниот плоштад Сан Марко, рано наутро, кога беше скоро празен. Сакам да Ви кажам за чипката во која се замислив на некој бал од прекрасниот Ca d’Oro и за терасата – балкон на врвот од една куќа. Ми се зборува за домофоните стари еден век, но кои стојата и ден денес, за дупчињата по тесните улички, во кои ќе се слие дождливата вода. За сите цвеќиња по балконите и безброј играчки меѓу нив. Се уште во мислите се движам по тие улички во кои не можат да се разминат два човека и кои те водат една во друга, како во некој лавиринт додека не излезеш на самиот Канал или чукнеш на нечии врата. И, невозможно е да не се помисли на љубовта уште еднаш, каква ли била средбата на двајца вљубени, таму во некоја уличка која можеби ќе излезе на Ponte Diavolo или Ponte Chiodo или гревот пак ќе ги одведе на Ponte dei sosperi?
Сакам да Ви раскажам дека вистинската Венеција се гледа само од прекрасниот Гранд канал, но и тоа веќе го знаете... Како и да е, само потсетувам. Привилегијата да уживаат во Венецијанската архитектура, ја имаат само вапоретите и гондолите, вапоретистите и гондолијерите... Аплаудиравме на гондолијер кој пее, нешто што ретко се среќава денес во Венеција. Ја пееше O, sole mio, а ние мислевме дека е ЦД... Мислам дека тогаш времето навистина застана и ако постоеше некоја мерка за неговиот тек, тоа беше само тој глас од прекрасната црна гондола и... молк... Ништо повеќе, а толку доволно.
Сакам да Ви раскажам и за Ca Pessaro и Gugenhaim, за Дали, чиј музеј се наоѓа веднаш до San Marco...За тоа како се затрчав кон прекрасната Јудита и ми дојде да се прекрстам?! Како стоев и и стоев и не сакав да се тргнам... За тоа како се доближив толку блиску што алармот скоро ќе се вклучеше за да го видам патот на четката со која Климт ја создавал Јудита, полна со живот, но несреќна? Горда, дури и премногу... И, потоа како се стаписав пред Роден? Не, всушност пред Мислителот и како телото ми затрепери, затоа што ја видов енергијата со која оваа дело е создадено... Верувајте луѓе го гледав тука ред мене како го создава, овој човек кој е наречен Мислител... Се почувствував толку мала... и.... глупа.... Простете.
И, мојата средба, втора во животот со единствениот Модиљани, во Гугенхајм! Ја открив ПЕГИН ГУГЕНХАЈМ, нејзината несреќна ќерка, која се самоубила на крај, за жал, но прекрасна е...
А, од црквите која да издвојам, која да ја нагласам, која да ја пофалам? Santa Maria dei Frari,која ми ја откри Ренесансата, во прекрасната Белинијева Мадона со Исуса, на начин на кој и самиот Рим тоа не го направи... Или за прекрасната Santa Maria Salute, каде има прекрасни Тицијанови фрески? Жртвувањето на Исака и борбата на Каин и Авел... Скоро, па во духот на Микеланџело... Велам скоро, но и тоа е нешто....
Ми се пишува уште за малите кафеани во зафрланите улички пред Accademia и Ca Pesaro, за викотницата, за гласното италијанско зборување , за гласното смеење, за прекрасниот најтопол и наубав мезе – ресторан во Местре, за чизмите по излозите и за прекрасните кожни ракавици...
Но, ќе Ви оставам на Вас, да ја почувствувате на свој начин, да ја вкусите и верувам никогаш нема да ја заборавите, таа прекрасна дама, на чии гради издишале толку многу големи имиња, опевајќи ја и умирајќи истовремено.
0 comments:
Post a Comment