Pages

Thursday, February 7, 2013

Шал во ново руво

Ви ги претставувам прекрасните трослојни цветови работени по примерот на Attick 24, мојата инспирација. Туторијалот за овие цветови ќе го најдете овде и сметам дека нема да има потреба за некои посебни дообјаснувања, бидејќи Lucy Attick 24 е вистински мајстор за хеклање и правење туторијали. И се восхитувам на нејзината умешност и креативност преточена во толку убав колорит.
Еве ги моите цветови, хеклани со обичен Менада конец на Тетекс.



Благодарение на нив еден стар шал доби ново руво:




Во тој манир си направив брош од чист памучен конец кој секогаш го користам за изработка на хеклан накит.

Friday, February 1, 2013

Кутија за слафетки со ефект на распукување

Кутијава е направена во обид да се постигне ефект на распукување, без Crackle лак, кој не знам каде може да се купи кај нас. Следејќи го примерот на Mare-ri направив мали измени и добив сосема солиден ефект на распуканост.

Предмет за изработка
Акрилна боја, бела или некоја друга нијанса
Маслена боја со златна нијанса
Четка
Мотив од салфетка
Дрвофикс лепак
Нитро лак
Првин нанесуваме бела акрилна боја. Оставаме да се исуши. Потоа премачкуваме со маслената боја. Оставаме добро да се исуши. Нанесуваме акрилна боја. Јас нанесов бела акрилна со капка кафеав тонер, за да добијам крем нијанса. Оставаме да се суши 24 сата и повеќе. Со самиот процес на сушење доаѓа до пукање на бојата.
Кога добро ќе се исуши, одбираме мотив и со разреден дрвофикс го лепиме на предметот. После добро сушење лакираме со мат нитро лак.
И, еве ја кутијата:



 Ефектот на распуканост од блиску:


Она што сакам да го напоменам како недостаток кај оваа техника е премногу течната состојба на маслената боја и потребното време за сушење на истата. Претпоставувам дека со Нитро боја овој проблем би бил многу помал или пак не би постоел. Јас купив маслена боја, бидејќи кај нас нема Нитро боја во мала амбалажа. Доколку не најдам Cracle лак наредниот пат ќе се обидам со Нитро боја.

Thursday, January 31, 2013

Туторијал за изработка на рамка за слика во Shabby техника

Вакви туторијали може да се најдат на нет и на youtube во голем број. Постапката е едноставна, а целта е да добиеме предмет со доза на “античен“ сјај или поинаку кажано vintage стил.
Потребни работи ни се:
- Предмет на кој ќе се примени техниката на декупаж, во конкретниот случај тоа е рамка за слика
- Акрилна бела и кафеава боја
- Восочна свеќа
- Лепак за салфетка или дрвофикс разреден со вода
- Лак за премачкување ( мат)
- Четка
- Мотиви од салфетки кои ќе ги залепиме на предметот ( рамката)
- Хартија за шмирглање
Првин ја боиме рамката во кафеава боја.



Ја оставаме да се исуши.
Откако рамката е исушена, по рабовите поминуваме со восочната свеќа и секаде каде што ќе сакаме да се преовладува старинскиот ефект.



Рамката је боиме со бела или крем бела нијанса од акрилна боја.



Оставаме да се суши.

Откако ќе заврши процесот на сушење, со хартија за шмирглање поминуваме по рабовите и секаде каде што претходно нанесовме од восочната свеќа. На овој начин, ќе излезе дел од белата ( крем ) боја и ќе се појави кафената н ијанса, што ќе даде ефект на застареност и гребеност.




Избираме мотиви од салфетките, го одделуваме горниот слој и секој мотив го цепкаме ( поубаво изгледа ако мотивот е цепкан, отколку сечен по рабовите. Во овој случај делува вештачки, но сепак се работи за вкус).

Утврдуваме на кое место ќе ги залепиме мотивите.

Таму каде што ќе бидат нанесени мотивите, премачкуваме со лепакот, нежно го ставеме мотивот и го премачкуваме одозгора со истиот лепак, при што четката ја движиме од центарот на мотивот кон краевите, за да избегнеме појава на надуеност и преклопување на мотивот. Доколку користите дрвофикс, внимавајте истиот да е транспарентен.




Откако сите мотиви ќе ги залепиме, ја оставаме рамката да се исуши.
На крајот премачкуваме со два до три слоја лак за дрво.
И, еве го конечниот резултат:




Што се однесува на видот на боите и лакот, не би можела да сугерирам производители, но можам да кажам дека акрилната боја може да се купи во некој Хоби продавница, книжарница или во специјализирани продавници за бои и лакови. Јас лично користам бела акрилна бетонска боја, ја нијансирам со било каков акрилен тонер ( боја ). Акрилните бои во различни нијанси ги купувам од горенаведените места. Што се однесува на лакот, премачкувам со Нитро лак. Дрвофиксот е транспарентен кој брзо се суши. Го разредувам со вода по интуиција и експеримент.
Сметам дека е најубаво да се купуваат сите потребни работи во продавниците за хоби материјали, кои имаат посебни лакови и лепила за салфетната техника, но исто така се и поскапи.
На Вас останува како ќе се опремите со потребниот материјал и ќе почнете со негова примена.

Monday, January 28, 2013

Рамки за слика во decoupage техника

Многу време помина, драги мои пријатели откако последен пат нешто поделив со Вас. Тоа беше Венеција. Од тогаш се случија многу убави нешта, имаше други патувања, интересни средби, интересни книги и БЕБЕ! Да, малечко бебе, кое треба да се роди во текот на месец Фебруари. Со нетрпение го очекувам.
А, потребата за било каква креативност работи и не ми остава мир. И, еве после толку време од мојата прва декупаж кутија, направена на оној курс во Белград
Мојата прва кутија во дркупаж


вчера напладне се изработени овие две.




Првата е работена во Shabby техника, за што ќе пишувам повеќе во некој нареден пост, а се надевам и ќе излезе некој туторијал.
Вторава е работена во обичен декупаж, со тоа што ефектот на испуканост е постигнат со маслена боја. На еден сајт видов како овој ефект се постигнува со Нитро боја, која е на база на масло и ми текна да се обидам со обична маслена боја, која мојата ќерка ги користи за сликање ( Ве молам ова да не се свати буквално, таа се уште нема 4 години) и со оглед на тоа дека беше недела, решив да експериментирам и еве што добив.
 



Знам дека не е најсовршено, но мислам дека со Нитро боја ќе излезе подобро, а тоа ќе го знаеме набргу. За овој ефект постојат посебни Crackle лакови, но во нашиот град нема такви. Мислам дека во една продавница за хоби материјали во Скопје можат да се најдат.
Значи основен материјал, освен рамката, е:
Акрилна боја ( мојата е обична бела за бетон)
Акрилен тонер ( во случајов кафеав и окер, за постигнување на крем нијанса за рамката во Shabby техника)
Восочна свеќа
Дрвофикс транспарентен лепак
Мотиви од салфетка
Нитро лак
Маслена боја
Во наредните постови ќе поставам линкова за оваа техника, а ќе се обидам да направам уште некоја блогерска репортажа од некое патување.
Се најдобро, драги мои!

Sunday, March 25, 2012

Венеција Venice Veneto





Венеција, градот на смртта и љубовта. Можеби овие две работи и не можат да се замислат одделено. Љубов до смрт и љубов после смрт... Со љубовта смрта се победува, но дали и во Венеција? Градот кој тоне во својата убавина, потпрен на водите на море кое некогаш било наше, ќе речат и град кој осуден на смрт, ти подава рака која не можеш да ја одбиеш, иако знаеш каде води, град кој потсетува на куртизана, но онаква каква се среќева само во единствениот роман на А.Дима, синот, убавицата која лаже, но нека, нека лаже, зашто тоа не е важно се додека го слушаш нејзиниот глас... Таква е таа, таа прекрасна Венеција, на која мислата дека еден ден можеби навистина ќе ја снема и дава една поинаква димензија и вредност... Тоа веќе не е убавина само, тоа е и култ и мистерија и интрига и непознат бал, кој почнал, но не се знае кога ќе заврши. Можеби баш заради тоа времето таму поминато, не е време, туку е миг и животот не е живот со вчера и утре, но постои само моментот на Сега, тука и овде со неа, со таа прекрасна Венеција...

Има ли потерба да се пишува за шармот на Венецијаните, за виното кое се точи наместо вода, за Наполитаната и Маргаритата или за Венецијанскиот сладолед? Треба ли да пишувам за Сан Марко и неговите пет куполи, за позлатените византиски мозаици и коњите од Истанбул? Или пак за Дуждевата палата и Мостот на воздишки, на кој и јас издишав by the way, но не заради тоа што нема јас да го видам уште еднаш сонцето, не туку заради студот, кој буквално ми влезе во коски, движејќи се низ затворскиот дел од оваа прекрасна палата... И, додека на едниот крај повластените уживале гледајќи ги делата на Тицијан, Паладио, Веронезе и Тинторето, другите, оние лошите, затворени со железни врати, железа на рацете и нозете, небаре ќе побегнат, но во морето, уживале во друштвото на стаорците и звукот на шкрапалото, кое се отврара само доколку некој се смилува да фрли парче леб... Навистина е за воздишка... И жал...

За Риалто ли да пишувам, за прекрасниот снежно бел Риалто, на кој денеска има се што треба да биде Венеција?! Трговци со маски, порцелани, Мурано стакла, оригинални и неоригинални, бижутерија и играчки?!

Не, нема да пишувам за тоа, оти тоа веќе го знаете и заради тоа што тоа денес е се помалку Венеција, но се повеќе комерцијала.

Ќе пишувам за прекрасната Fruti di mare пица изедена под прекрасниот Риалто и за сладоледот излижан на прекрасниот плоштад Сан Марко, рано наутро, кога беше скоро празен. Сакам да Ви кажам за чипката во која се замислив на некој бал од прекрасниот Ca d’Oro и за терасата – балкон на врвот од една куќа. Ми се зборува за домофоните стари еден век, но кои стојата и ден денес, за дупчињата по тесните улички, во кои ќе се слие дождливата вода. За сите цвеќиња по балконите и безброј играчки меѓу нив. Се уште во мислите се движам по тие улички во кои не можат да се разминат два човека и кои те водат една во друга, како во некој лавиринт додека не излезеш на самиот Канал или чукнеш на нечии врата. И, невозможно е да не се помисли на љубовта уште еднаш, каква ли била средбата на двајца вљубени, таму во некоја уличка која можеби ќе излезе на Ponte Diavolo или Ponte Chiodo или гревот пак ќе ги одведе на Ponte dei sosperi?

Сакам да Ви раскажам дека вистинската Венеција се гледа само од прекрасниот Гранд канал, но и тоа веќе го знаете... Како и да е, само потсетувам. Привилегијата да уживаат во Венецијанската архитектура, ја имаат само вапоретите и гондолите, вапоретистите и гондолијерите... Аплаудиравме на гондолијер кој пее, нешто што ретко се среќава денес во Венеција. Ја пееше O, sole mio, а ние мислевме дека е ЦД... Мислам дека тогаш времето навистина застана и ако постоеше некоја мерка за неговиот тек, тоа беше само тој глас од прекрасната црна гондола и... молк... Ништо повеќе, а толку доволно.

Сакам да Ви раскажам и за Ca Pessaro и Gugenhaim, за Дали, чиј музеј се наоѓа веднаш до San Marco...За тоа како се затрчав кон прекрасната Јудита и ми дојде да се прекрстам?! Како стоев и и стоев и не сакав да се тргнам... За тоа како се доближив толку блиску што алармот скоро ќе се вклучеше за да го видам патот на четката со која Климт ја создавал Јудита, полна со живот, но несреќна? Горда, дури и премногу... И, потоа како се стаписав пред Роден? Не, всушност пред Мислителот и како телото ми затрепери, затоа што ја видов енергијата со која оваа дело е создадено... Верувајте луѓе го гледав тука ред мене како го создава, овој човек кој е наречен Мислител... Се почувствував толку мала... и.... глупа.... Простете.

И, мојата средба, втора во животот со единствениот Модиљани, во Гугенхајм! Ја открив ПЕГИН ГУГЕНХАЈМ, нејзината несреќна ќерка, која се самоубила на крај, за жал, но прекрасна е...

А, од црквите која да издвојам, која да ја нагласам, која да ја пофалам? Santa Maria dei Frari,која ми ја откри Ренесансата, во прекрасната Белинијева Мадона со Исуса, на начин на кој и самиот Рим тоа не го направи... Или за прекрасната Santa Maria Salute, каде има прекрасни Тицијанови фрески? Жртвувањето на Исака и борбата на Каин и Авел... Скоро, па во духот на Микеланџело... Велам скоро, но и тоа е нешто....

Ми се пишува уште за малите кафеани во зафрланите улички пред Accademia и Ca Pesaro, за викотницата, за гласното италијанско зборување , за гласното смеење, за прекрасниот најтопол и наубав мезе – ресторан во Местре, за чизмите по излозите и за прекрасните кожни ракавици...

Но, ќе Ви оставам на Вас, да ја почувствувате на свој начин, да ја вкусите и верувам никогаш нема да ја заборавите, таа прекрасна дама, на чии гради издишале толку многу големи имиња, опевајќи ја и умирајќи истовремено.


Wednesday, February 29, 2012

Дрво на хеклерајот!

Дрво на хеклерајот, обичен ѓердан и малку поп-арт!
Photo Collage

Wednesday, February 22, 2012

Малку, по малку...


Овој конец го најдов во една скопска продавница за конец, а која последен пат направила порачка пред некои 20 година ( навистина е тешко да се најде конец кај нас во Македонија ) и купив две клопчиња со намера да направам шал. Веднаш штом го купив одлучив прво да направам цвет, а потоа шал. Тоа беше пред 3 месеци. Конечно цветот-брош го завршив пред три дена!
А, завчера барајќи конец по фиоките, наидов на оваа капа, започната и направена пред 2 години и заборавена. Не ми се допаѓаше бојата, се сеќавам.. И, еве ја сега! Ги поправив краевите, направив убава бордура, неколку цветчиња, едно топче и тарарам - готово е! Таиса ќе носи цветна капа оваа пролет!
Навистина е убаво кога нешто неочекувано ќе се случи. Сопнтаните мигови се најубави. Спонтан попладневно кафе со пријателка, спонтан муабет, спонтана љубов. Како се вели - Господ се смее на нашите планови! - па затоа:
ДА ЖИВЕЕ СПОНТАНОСТА!